Слаби мускули на стомакот, главна причина за кила

Хернија или кај народот позната како кила или брух е често заболување кое настанува кога внатрешните органи или црева ќе излезат низ ослабените делови на мускулното ткиво, најчесто низ абдоминалниот ѕид. На тие места мускулите попуштаат под притисок на органите во стомачната празнина и на послабите делови се јавува кила. Се јавува при тешка физичка работа, долготрајна кашлица, при слаба стомачна мускулатура и кај деца кои подолг период имаат дијареа. Некои лица пак имаат вродена склоност кон добивање на кила.

ТИПОВИ НА КИЛА
Килата се разликува според местото на појава. Може да се јави во било кој дел од стомакот но најчеста е:

Препонска или ингвинална хернија почесто се среќава кај мажите (80-90 % од случаите). Килната кеса кај мажите поминува низ препонскиот канал покрај семените канали и крвни садови кои одат до тестисите. Кај жените низ тој канал поминуваат кружните лигаменти на матката и покрај нив може да настане кила.

Феморална хернија е почеста кај жените. Се јавува на места каде излегуваат големите крвни садови од стомачната празнина кон нозете.

Папочна хернија се јавува на места каде во неонаталниот период поминувале крвните садови на папочната врвца од мајката до бебето.

СИМПТОМИ НА КИЛА
Килата најлесно се препознава по тоа што се јавува мало испакнување на стомачниот ѕид, кое во легната положба или при притисок се враќа во стомакот. Исто така може да се јави непријатност, болка при кашлање и при кревање товар.

ЛЕКУВАЊЕ
Килата нема да се повлече сама по себе. Со текот на времето може да се зголеми и да почне да се јавува печење или грчеви во препоните. Доколку не се лекува може да се јават компликации како прекин на работата на органите или гангрена (тешка инфекција). Најдобар третман за кила е хируршка интервенција при која се отвора килната кеса и содржината повторно се враќа во стомачната празнина. За зајакнување на стомачниот ѕид се поставува мрежа, со што трајно се решава проблемот.

ПОЈАСИ ЗА КИЛА
Појасите се користат по препорака на лекар. Со нивно носење може да се намалат симптомите како болка и непријатност и појасите делуваат како превенција од натамошно ширење на килата.

Постојат повеќе појаси во зависност од типот на килата:

  • Појас за папочна кила – еластичен појас, изработен од ткаен материјал со дел на кој е поставено топчесто полиуретанско перниче. Прицврстувањето со лепенка дава можност за точно поставување на перничето во пределот на папокот и килата, како и подесување на компресијата според желбите и потребите на пациентот.
  • Појас за еднострана препонска кила – појас во форма на ткаен ремен, со додаток во форма на перниче кој се поставува во афектираниот предел и врши благ притисок на килата, со што таа се редуцира. Поставувањето и позиционирањето е едноставно, според потребите на пациентот, како поставување на обичен ремен.
  • Појас за двострана препонска кила – појас во форма на ткаен ремен, за двострана препонска кила, со додатоци во форма на перничиња кои се поставуваат во препонскиот дел каде е појавена кила и вршат благ притисок на килата со што таа се редуцира.
  • Еластични килоти за хернија – Килоти наменети за третман на ингвинална хернија. Има додатоци во форма на перничиња кои се поставуваат во афектираниот предел и вршат благ притисок на хернијата со што се редуцира.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial