Гонартоза – Oштетување на `рскавицата на коленото

Артроза на коленото, гонартроза или остеоартритис е дегенеративно заболување каде се јавува оштетување на `рскавицата на коленото, а како болеста напредува може да бидат зафатени зглобната капсула и коската над зглобот. Се јавува на возраст над 45 години, а доколку има генетска предиспозиција и кај помлади.

Кои се симптомите?
Симптомите се јавуваат постепено и се влошуваат како времето одминува. Најчесто се јавува: болка во коленото на почеток на движењето (првите 2-3 чекори), при зголемена физичка активност. Kако болеста напредува болка се јавува и во мирување, оток на коленото – собирање на вишок течност околу зглобот и меките ткива како резултат на воспаление, чувство на топлина во зглобот, вкочанетост на зглобот – карактеристична наутро или после долготрајно седење, намалено подвижност на зглобот – особено изразено при станување од стол или излегување од автомобил, крцкање и шкрипење на зглобот (крепитации) и нестабилност на коленото.

Како се лекува артрозата?
Лекувањето на гонартрозата е најдобро во рана фаза, но во пракса тоа не е така затоа што пациентите се јавуваат на лекар кога симптомите се многу изразени, а болеста напредната. Се препорачува намалување на телесната тежина, носење на ортози (ортопедски помагала) корективни влошки, давање на интразглобни инјекции, физикална терапија (вежби).

Ортозите кои се користат при третман на гонартроза може да бидат: меки и ригидни.
Mеките ортози се еластични, може да бидат: со или без отвор, со или без силиконско перниче, со или без надворешен фиксатор (фишбајн или метална шина). Меките ортози (стегачи за колено) помагаат во намалување на болката, вкочанетоста и поголема издржливост при физичка активност.

Ригидните ортози се користат кај средна и тешка форма на гонартроза и имаа за цел да дадат стабилност на коленото и лигаментите, како и да помогнат во одржување на зглобниот простор.

Влошки со медијално или латерално повишување – служат за растеретување на коленото.

Интразглобни инјекции – кои содржат плазма богата со тромбоцити и хијалуронска киселина. Се вбризгуваат директно во коленото и служат за намалување на тегобите во период од 6 месеци до една година. На тој начин му овозможуваат на пациентот да оди на физикална терапија.

Автор: Д-р Дарко Василевски

За сите прашања во врска со ортопедските производи пишете ни на: sovet@medicushelp.com.mk

Нашиот стручен тим од доктори и физиотерапевти ќе ви одговорат.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial