Епикондилитис – Tениски и голферски лакт

Епикондилитис е мускулно-скелетно заболување кое се карактеризира со воспаление или оштетување на пределот на епикондил на коска. Обично се јавува во 4-та и 5-та деценија од животот, кај пациенти кои имале активности кои довеле до прекумерна употреба на мускулите на подлактица.

Постојат два вообичаени типа на епикондилитис: надворешен (латерален) и внатрешен (медијален) на лактот. Надворешниот епикондилитис е исто познат како тениски лакт. Се јавува како резултат на прекумерна употреба на надворешниот дел на горниот крај на подлактицата. Внатрешниот епикондилитис е исто познат како голферски лакт, што се јавува како резултат на прекумерна употреба на внатрешниот дел на горниот крај од подлактицата. Двата случаи се карактеризираат со болка по свиткување (флексија) и исправување (екстензија) на лактот.

Како настанува епикондилитис?
Најчесто настанува како резултат на прекумерни движења на подлактицата како и голем број на повторувачки движења.

Кои се симптомите?
Симптомите на тенискиот лакт и голферскиот лакт се развиваат постепено. Во повеќето случаи, болката започнува како блага и полесна и по неколку недели се влошува. Најчесто се чувствува: болка или горење во подлактицата, слаба сила при зафат, вкочанетост на лактот, трнење, сензација или вкочанетост во прстите, тешкотии при движење на лактот проследени со болка, болка при палпација на лактот и на подлактицата. Во некои случаи болката во лактот може да се шири надолу по раката до зглобот. Ова ги отежнува секојдневните активности како подигање предмети, отварање на врата или едноставно ракување.

Како се лекува оваа состојба?
Најдобро е епикондилитисот да се лекува во рана фаза. Но во пракса пациентите најчесто се јавуваат на лекар кога болката е силна и неиздржлива. Се препорачува мирување, носење на ортози, давање на интразглобни инjекции (ПРП), физикална терапија пред се вежби.

Постојат повеќе видови на специјално дизајнирани ортози кои се многу важни во третман на епикондилитисот. Ортозите се изработени од неопрен, кој обезбедува топлина и компресија за болното место. Ортозите кои содржат силиконски перничиња, се зацврстува тетивата, со што се спречува механичкиот стрес на тетивата, а со тоа се намалуваат преоптоварувањата во зглобот. Користењето на овие ортози е многу корисно како метод за спречувње на повторни повреди.

Интразглобни инjекции – кои содржат плазма богата со тромбоцити и хијалуронска киселина, служат за намалување на тегобите во период од 6 месеци до една година. На овој начин пациентот може да оди на физикална терапија.

Физикалната терапија или вежби имаат за цел да се зголеми опсегот на движење, флексибилноста и да се намали вкочанетоста во зглобот на лактот.

ВЕЖБА БР. 1: Истегнување на екстензорната мускулатура на подлактица

  • Исправете ја болната раката и свиткајте го зглобот како да сигнализирате кон некого „застани“.
  • Користете ја спротивната рака за нежно да притиснете на дланката и повлечете кон вас сè додека не почувствувате напрегање во внатрешноста на подлактицата.
  • Држете ја раката во оваа позиција 15 секунди.
  • Повторете ја истата вежба 5 пати, а потоа направете ја вежбата и со другата рака.

ВЕЖБА БР. 2: Истегнување на флексорната мускулатура на подлактицата

  • Исправете ја болната раката со дланката свртена надолу и свиткајте го зглобот
    со прстите надолу.
  • Нежно повлечете ја раката кон вашето тело сè додека не почувствувате истегнување на надворешниот дел од подлактицата.
  • Држете ја раката во оваа позиција 15 секунди.
  • Повторете 5 пати, а потоа истата вежба направете ја со другата рака

ВЕЖБА БР. 3: Истегнување на пронаторна и супинаторна мускулатура

  • Свиткајте го лактот во 90 степени и потпрете ја подлактицата на маса така да рачниот зглоб да е поставен на работ. Земете еден тег.
  • Полека свртете ја подлактицата на страна, со дланката свртена нагоре, и задржете ја раката во оваа положба.
  • Вратете се на почетната положба
  • Полека свртете ја подлактицата на страна со дланката свртена надолу и задржете ја раката во оваа положба.
  • Вратете се на почетната положба.
  • Повторувајте ги овие движења најмалку 10 пати.

ВЕЖБА БР. 4: Извиткување на крпа

  • Земета крпа и поставете ги рацете на краевите.
  • Опуштете ги рамената
  • Движете ги рацете во спротивни насоки (како да цедите вода од крпата)
  • Повторете ја вежбата 10 пати
  • Потоа повторете ја истата, но со движење на рацете обратно.

Автор:
Д-р Дарко Василевски
Сашо Цветановски – физиотерапевт

За сите прашања во врска со ортопедските производи пишете ни на: sovet@medicushelp.com.mk
Нашиот стручен тим од доктор и физиотерапевт ќе ви одговорат.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial