Водич за компресивни чорапи

Компресивни чорапи може да носи секој: од пилоти, струјардеси, спортисти, медицински сестри до бремени жени, лица кои се опоравуваат по операција како и сите кои имаат ризик од згрутчување на крвта во нозете (длабока венска тромбоза).

Кој треба да носи компресивни чорапи?
Компресивни чорапи се препорачуваат за лица кои се изложени на ризик од длабока венска тромбоза. Постојат повеќе фактори што можат да го зголемат ризикот од згрутчување на крвта во нозете, тука спаѓа: лежечки пациенти (на пример после хируршка интервенција), долготрајно седење ( патување со авион), користење на лекови за контрацепција или хормонска заместителна терапија, бременост, семејна историја на длабока венска тромбоза, воспалителни болести на дебелото црево и одредени генетски нарушувања. Компресивните чорапи исто така се носат и како превенција од пост-тромботски синдром, кој се манифестира со оток и болки во нозете. Се препорачуваат кај лица кои имаат проширени вени, венски улкус (рани од вените на нозете), отоци на ногата, како и за лица кои имаат проблеми со циркулацијата. Исто така компресивните чорапи се одлична превенција за сите кои подолг временски период седат или стојат, и покрај тоа што немаат здравствени проблеми.

Како функционираат компресивните чорапи?
Крвта во вените треба да работи против гравитацијата за да се врати назад кон срцето. Овој природен проток може да биде пропречен од неколку фактори: проблеми со циркулацијата, недоволно движење (особено при повреда или хируршка интервенција) или слабост на ѕидовите на вените ( венска инсуфициенција). Како последица на ова дел од крвта останува во нозете што доведува до оток, замор и тежина во нозете а исто така може да доведе и до формирање на тромб.

Со компресија на ткивото на нозете и ѕидовите на вените, компресивните чорапи помагаат крвта во вените да се врати во срцето. Исто така може да ја подобрат и лимфната циркулација, со што се намалуваат отоците. Компресивните чорапи се препорачуваат како превенција за лица кои немаат здравствени проблеми. На пример, со подобрување на циркулацијата се намалува уморот и отокот во нозете. Кај спортистите компресивните чорапи ги подобруваат перформансите и се одлична превенција од повреди.

Како треба да се носат?
Компресивните чорапи се корисни и ефикасни само доколку се носат правилно. Во 2008 година објавена е студија направена на 142 хоспитализирани пациенти кои носат компресивни чорапи по операција како превенција од длабока венска тромбоза. Резултатите покажале дека 26% од пациентите носеле погрешна големина, а 26% погрешно ги носеле бидејќи чорапите биле збрчкани т.е превиткани на некои места. Ова може да доведе до нови и полоши проблеми, бидејќи превитканиот дел на компресивната чорапа, прави дополнителен притисок врз кожата.

Кои лица не треба да носат компресивни чорапи?
Компресивните чорапи се безбедни, под услов да се носат правилно без набори. Не се препорачуваат за лица кои имаат периферна невропатија или било која друга состојба која влијае на сензација на кожата, периферна артериска болест, инфекција на кожата, дерматитис, масивен оток на нозете или пулмонален едем од конгестивна срцева слабост. Секој од овие ризици доведува до друга серија на ризици. На пример, кај пациентите со периферна артериска артериска болест, чорапите може да ја влошат испораката на кислород во аретриите со нарушен проток на крв. Пациентите кои имаат периферна невропатија не чувствуваат кога компресијата е преногу затегната, што може да ја попречи циркулацијата. И одредени кожни состојби или инфекции може да се влошат со покривање и компресија на површината.

Како се одредува висината и големината на чорапите?
За одредување на точната големина потребен е сантиметар. Мерките најдобро е да се земат наутро пред да се стане од кревет. Се мери обемот на глуждот, најширокиот дел од листот, и растојанието од коленото до подот. Која висина на чорапи треба да се носи зависи од причината поради која се носат. Ако се работи за превенција и доколку нема медицински проблеми, како за трчање, патување, за долги часови на работа поминати на стоење тогаш се препорачуваат чорапи до колена. Доколку постои здравствен проблем тогаш одлучува лекарот која висина на чорапи треба да се земе.

Ако тешко се облекуваат, треба да се навлечат на нозе наутро пред да се стане од кревет, за да се избегне потекување на нозете. На нозете може да се стави талк за да се впие вишокот влага и полесно да се облечат.

Што значи степенот на компресија?
Компресивните чорапи доаѓаат во 5 главни нивоа на компресија. Степенот на компресија всушност значи јачината на притисок (измерен во милиметри на живин столб или mmHg) кои чорапите го правата на нозете. Колку е повисок бројот, толку поголема е компресијата. Лесна компресија (под 15 mmHg ) е за здрави луѓе, како што се бремени жени кои имаат уморни и отечени нозе од долготрајно седење или стоење. Умерена компресија (15 до 20 mmHg) може да се користи како превенција од длабока венска тромбоза, оток и замор, кај лица кои патуваат со авион. Повисоки нивоа на компресија (20 до 30 mmHg, 30-40 mmHg, или повеќе од 40 mmHg) се нарекува и медицинска компресија, наменета за медицински проблеми како проширени вени, едем и спречување на длабока венска тромбоза по хируршка интервенција. Чорапите со медицинска компресија се најчесто со градуирана компресија, што значи дека е најсилна во делот околу глуждот а како оди нагоре компресијата е послаба. Најдобро е компресивните чорапи да се купуваат во специјализирани продавници, за да се одреди прават големина.

Колку долго можат да се носат чорапите?
Нема точен временски период колку да се носат компресивните чорапи, и зависи од причината поради која се носат. Доколку се работи за проблеми со вените, се носат цел ден и се соблекуваат пред да се легне. После хируршка интервенција, се препорачува да се носат ако пациентот стои или седи подолго време. Најдобро е, доколку постои медицински проблем, да се следат препораките на лекарот. Во случаи кога не постои здравствен проблем, најдобро е да се носат за време на долги патувања, долги часови поминати во седење или стоење како и при физичка активност.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial