Трчањето е задоволство, а не обврска

Започнал рекреативно пред една година, а денеска сонува за учество на престижните маратони во Берлин, Њујорк или Лондон. Давор Марков, член на ААК „Скобул“ веќе сериозно трча кон поголеми успеси. Во продолжение ни раскажува за својата љубов – трчањето.

1. Од каде љубовта кон спортот, особено кон трчањето?
Па можам да кажам дека е релативно нова љубов, секако тоа беше „љубов на прв поглед“, после првиот тренинг знаев дека тоа е тоа – љубов или врска како милувате повеќе, која со текот на времето станува сѐ посилна и посилна.
Се сеќавам многу добро на мојот прв тренинг пред 1 годинa, првите тешко истрчани 5 километри за кои никогаш не верував дека еден ден ќе ми станат само „загревање“. Она што посебно ме радува е дека оваа љубов ја префрлив и на сопругата и децата кои се моите најголеми фанови и поддржувачи. Мојата цел во иднина е дефинитивно „пехар“ во некоја категорија зошто после секој маратон ме чекаат љубопитните очи на синчето и прашањето „тато освои пехар?“

2. Како изгледа еден твој тренинг и дали имаш омилена локација за трчање?
Омилена локација за трчање ми е „Марково Крувче“, тоа е во непосредна близина до местото каде живеам, па од таму Средно Водно, Нерези и назад. Претпочитам да трчам во утринските часови – патот, тишината, првите сончеви зраци едноставно пленуваат. Речиси една година сум член на ААК „Скобул“ и морам да признаам дека таму пронајдов многу искрени пријатели помеѓу кои Даниел, Христофер (Колумбо), Игор и секако мојот идол – Благоја Ацковски или попознат како Бале-Брзи. Тој на своите години (65) буквално „си гази“ со освоените медали и добрите резултати и пласмани кои ги реди, но исклучително го почитувам особено поради неговата позитивност како човек, поради мотивот и поддршката што ги пружа кон останатите членови на тимот. Се извинувам ако некој од момците изумив да споменам. Пред да станам официјално член на „Скобул“ трчав сам. Да, и тоа има понекогаш своја убавина, но трчањето во друштво е сосема друга приказна, едноставно и чисто „полнење на батерии“.

3. Кое е твоето најдобро време?
Најдобро истрчано време ми е на „Трчаме кон целта“ – полумаратон, постигнато време од 1 час и 37 минути.

4. Каде се гледаш во иднина, кои се твоите планови?
Во иднина се гледам како некој што дефинитивно нема да престане да трча, тоа е прво и основно. Но, сепак предизвик ми се некои од престижните маратони како оние во Берлин, Њујорк, Лондон и сл. Подобрување на ПБ (personal best) ми е секако цел на секој нареден маратон.

5. Колку ти помагаат CEP чорапите за време на трките?
“CEP” компресивните чорапи се “MUST HAVE” за овој спорт. Навистина многу помагаат за безбедност и ефикасност при трчањето. Лично мене ми помогнаа и во намалување на болките кои ги имав на почетокот. Oна што треба да го направам во најскоро време е да набавам едни розови за сопругата, за да почне да разликува кои се мои а кои нејзини и да престане да ги краде моите. Се шегувам секако.

6. За крај можеш ли да споделиш неколку совети за мотивација и подобро трчање?
Мотивација за спортување? Да, тоа е основно. Трчањето во секој случај треба да претставува задоволство, а не да биде обврска или измачување. Но во принцип денес 2 км можат да бидат тешки а утре да бидат само загревање, треба и упорност и посветеност. Поголема мотивација од здравје, и тоа сопственото – има ли? Нема, секако ќе се согласите со мене.
Исто така потребно е постојаност и континуитет бидејќи овој спорт и не е баш „кампањски“ ако можам така да се изразам. Знаете како велат: “Success doesn’t come from what you do occasionally, it comes from what you do consistently”.
Чести и редовни тренинзи како и правилна и балансирана исхрана со внес на многу течности, особено во овие жештини кои дојдоа порано од очекуваното, се клучни. При трчањето мора да се внимава и на положбата на телото, поставеноста на рацете и на техниката на дишење, но исто така мора да напоменам дека голема улога игра и опремата – соодветна опрема, патики и да, “CEP” компресивните чорапи. Ги препорачувам на сите, а пред сѐ на оние кои трчаат на подолги стази, пред сѐ за лична безбедност.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial