Сожалувањето на луѓето за мене е најтешкиот момент

„Лица со телесен инвалидитет“ – вака општеството ја именува една „посебна група“ на граѓани. Но кога би имале можност лично да ги запознаете би се чувствувале дека вие имате инвалидитет, но духовен. Нивната харизма, борбеност, истрајност која се издигнува над телесните ограничувања е за почит и поздрав. Тоа се луѓе со „посебни вештини“ кои ги прифатиле ограничувањата и храбро се борат со нив и со целото опкружување. Тоа се херои кои сакаат да докажат дека за нив нема ниту една пречка, освен пречката која ја прават останатите граѓани на ова општество со секој збор и гест кога ги потенцираат нивните физички ограничувања. Тоа го докажа и нашиот херој во оваа приказна, Мери Туџарова од Струмица. Кога ќе ја запознаете ќе се воодушевите од нејзината храброст,  борбеност и пред сѐ од нејзината неверојатна харизма и интелект.

1

Болеста на 20 години ме стави во инвалидска количка

Животот со нејзе си поиграл на еден суров начин, но таа не се предала – храбро се борела и повторно се издигнала над сите здравствени проблеми и ограничувања. Во детството ѝ бил дијагностициран ревматоиден артрит, болест која ги напаѓа зглобовите. До нејзина 20-та година болеста се одржувала со лекови, но од еден момент нејзиниот живот потполно се сменил.

„Мојот живот по болничките ходници започна во 2001 година кога болеста напредна, ги оштети најголемите зглобови и мораа да се направат хируршки интервенции. До 2003 година ми беа направени 5 операции. За млада девојка тоа беше голем шок, одеднаш бев принудена мојот живот да го поминам во инвалидска количка. Бев затворена дома, плачев, не можев да ја прифатам новата реалност. Но и тоа помина, успеав да си дојдам при себе и да почнам да живеам. Од тој момент започнаа најтешките мигови, кога морав да се борам со лицата и тешките зборови на луѓето“ – раскажува Мери.

Дискриминацијата е потешка од инвалидитетот

Најтешките моменти за неа претставувале прашањата на луѓето, нивното сожалување, но во некои моменти и игнорирањето. Таа морала да се соочи со многу такви ситуации. Некои коментари оделе до таму да ја прашаат дали знае да чита и пишува, како успева да студира и да работи на компјутер.

„Додека студирав на економскиот факултет, требаше да напишам семинарска. Бидејќи немав компјутер дома отидов во интернет кафе. Седната пред компјутерот со куп книги околу мене, се доближи еден човек и зачудено ме праша „Како работиш на тастатура со тие прсти?“. Седна до мене и ме гледаше. Еден ден во истото интернет кафе имаше многу гужва и вработениот не можеше да постигне. Станав со патерици, се доближив до него и му се понудив за помош. Ме погледна со неверување и рече „Ти да ми помогнеш?“. Откако им помогнав на неколку лица, коментарите после тоа не беа за тоа што го направив, туку какво лице нив им помогнало. Тоа се за мене најтешките моменти“ -додава Мери. Таа вели дека луѓето одат од една до друга крајност. Или те сожалуваат или комплетно те игнораат во моменти кога ти е потребна помош.

„Најмногу ми пречат погледите на луѓето, дискриминацијата, различниот пристап што го имаат. Или ќе те сожалува или воопшто не те перцепира. Сите треба да знаат дека ако мене ми е потешко да се искачам по скали – тоа не значи дека не знам друга интелектуална работа и дека треба да ме сожалуваат.“

2

Среќна сум – мојата цел е исполнета

Но благодарение на нејзината неверојатна енергија таа денес е успешна жена. Секретар е во здужението Мобилност, преку кое се бори покрај архитектонските, да се отстранат и духовните бариери на луѓето спрема лицата со телесен инвалидитет. Приватно работи како лидер во козметичка компанија.

„Јас сум човек кој може да се грижи за себе, заработувам и покрај физичко ограничување. Постојано сакам да се надоградувам.“

Нејзината цел во животот е остварена, таа е среќна. Ужива во љубовта со својот вереник. Планови за во иднина нема, единствена желба е како што вели да ја служи здравјето, сѐ што ќе дојде е добродојдено. Нејзината порака до лицата со инвалидитет е да не се откажуваат.

„Животот продолжува и треба да бидат храбри, да ги прифатат и да се издигнат над проблемите. Да се вклучат во општеството а не да кукаат затворени дома.“

3

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial