Реконструкција на дојка по мастектомија – Kога е вистинско време

Најголемиот проблем по отстранувањето на дојката и по зрачење, хемотерапија и други долготрајни терапии е психолошкиот проблем, кој што некогаш станува дури и психијатриски. Често, пациентаката на која и е отстранета градата го губи својот социјален, професионален, сексуален живот и се нарушуваат односите и во семејството и во околината. Да се реши и надмине тој проблем, реконструкцијата на дојката, е нешто што е многу добро прифатено од сите пациенти. Има пациенти кои воопшто не сакаат да одат на плажа, пациенти кои имаат проблем со надворешната протеза што ја носат во градникот. Тој проблем може да стане и психијатриски, па да мора да се лекува и со сеанси, лекови.

После колку време по интервенцијата најрано може да се направи реконструкција?

– Основно е да се утврди т.н. стејџинг, односно колку е напредната промената во дојката. Во светот се прават милиони и милиони реконструкции на дојки. Зависно од тоа за која промена, за кој тип на тумор се работи (има разни типови тумори во однос на големината, типот, во однос на лимфните јазли) има одредено точни пропозиции според кои смее на таа пациентка веднаш да и се направи реконструкција на дојка, односно во исто време кога се отстранува дојката да се стави и имплант и пациентката да си замине од болницата без никаква естетска промена на неа. Тоа во светот е многу распространето. Словенија, на пример, предничи пред многу други високоразвиени земји како Германија и Холандија, и, со 50 % од новооткриените случаи, е водечка во светот во едновременото отстранување на туморот и ставање на имплант. Државата секогаш треба да се труди и со информација и со услови за рана дијагностика да овозможи што порано и понавремено откривање на рак на дојката. Тоа го велам зошто само еден третман со цитостатици може да чини над 20.000 евра, а самата операција и во државни и во приватни болници е многу (8-10 пати) поевтина.

Благодарение на добрите резултати и примената на важечките светски стандарди бројот и квалитетот на реконструирани гради во Ремедика е секоја година се поголем. Можеме да се пофалиме дека благодарение на одличниот професионален тим во болницата успехот  на болницата е максимален и на ниво на најдобрите центри во светот.

Кои се можностите за реконстукција, освен поставување силикони?

Примарна е желбата на пациентот на кого хирургот му ги објаснува сите типови на интервенции. Интервенциите со користење на сопственото ткиво на пациентот (мускул, масно ткиво, кожа) се подолги во однос на поставувањето импланти и има повеќе критериуми кои треба да бидат задоволени. Кај некои пациенти има неоправдан страв од вградувањето импланти со изговор дека тоа е нешто вештачко, пластика, силиконски гел… Во основа, ние на пациентот му ги покажуваме резултатите – и од интервенциите со негово сопствено ткиво и од тие со вградување импланти, времетраењето, компликациите, по што тој одлучува што му се допаѓа повеќе. Меѓутоа, хирургот мора да ја прегледа градбата на телото на пациентката, бидејќи не можете кај пациентка од 40-50 килограми да најдете доволно волумен ткиво со кое ќе и ја реконструирате градата.Предоперативните тестови искуството и евалуација се од фундаментално значење за успехот на интервенцијата  и тие сосема ги елиминираат евентуалните компликации или неуспех. Во тој случај најдобро е веднаш да се избере соодветен волумен на имплант.

Колку време за опоравување им е потребно на жените?

Интервенциите со примарна реконструкција на градата при која едновремено се отстранува туморот и се поставува имплант се со траење од околу 2 часа и постоперативниот период во болницата е два дена, односно до вадеење на дренажата, интервенциите на одложена реконструкција односно по извесен период од отстранување на туморот се со 24 часовна хоспитализација. Нормалната физичка активност е можна и препорачлива по неколку дена а физичка активност, вежбање или спортување по 2 месеци.

Што мислите за операција за отстранување на туморот и реконструкција во ист акт?

Најлесно е кога имаме интервенција во ист акт кај пациентка со карцином во рана фаза на појавата на болеста. Тогаш на градата има доволно ткиво и кај неа веднаш ставаме имплант. Се случува пациентка да сака реконструкција и на здравата дојка, односно и нејзино зголемување. Ставивме соодветен имплант за двете дојки да бидат со ист волумен и форма. Естетскиот и психолошкиот ефект на резултатот се максимални.

Се забележуваат ли промени, психолошки, кај жените по завршена реконструкција?

Некои пациентки уште на првиот разговор за операција доаѓаат сами. Тоа што таа пациентка не ја води со себе својата ќерка или својот сопруг, значи дека таа е повлечена во себе, дека не сака дури ни тие да ја видат со лузна на месото од отстранетата града. Доаѓаат како да имаат некој црн облак над нивната глава кој што не и дозволува да функционира нормално во животот. Кога на пациентката ќе и ги покажеме резултатите и кога ќе и објасниме што се случува со операцијата, ние веќе имаме друга личност. Пациентката станува позитивна, и ако на почетокот речиси и не зборувала, сега е многу заинтересирана и има нови прашања за поставување – колку трае операцијата, колку чини, како се прави, па бараат да видат фотографии од пациентки на кои што им е направена реконструкција…

Веќе на втората консултација, кога се договараме за обликот и волуменот на градата, и дали ќе ја реконструираме и другата града за да бидат двете исти, тие доаѓаат со сопругот или ќерка, сестра или пријателка.

Кога ќе завршиме со се, автоматски гледате една друга жена. Самоуверена, со исправено држење влегува во ординацијата, со шминка, со фризура, полна со себе, комуникативна. Токму затоа пластичната хирургија е благородна наука и е одлично прифатена.

Каков совет најчесто добиваат од вас?

Со тоа пак се враќаме на пораката дека раното откривање на ракот е најважно. Дефинитивно. Со тоа што треба луѓето да бидат информирани и едуцирани, а информациите да се пуштаат што почесто во медиумите. Опремата и дијагностиката во Македонија се на задоволително ниво, и кога на тоа ќе се додаде и добра информација и едукација на граѓаните, тој проблем може многу да се намали. За жал, денес, границата од 30-ина години, на која што порано требаше да се направи првото ехо на гради, сега мора да се спушти многу пониско. Прегледите мора многу порано да почнат да се прават. Јас со овој проблем се занимавам од средината на 90-ти години, повеќе од 20 години. Секогаш треба да се избере најоптималниот пат за да резултатот биде максимален, реконструкцијата е извонреден хируршки зафат кој го враќа животот на пациентот во претходната состојба пред карциномот. Резултатите од оперираните пациенти се најважниот движечки фактор и за пациентот и за докторот.Вие можете да го направите најсилниот маркетинг со промоции, дампинг цени и сл. како што сме сведоци на клиники од кај нас и околните земји, но сепак на крајот успешните резултати и позитивната информација од пациентите е одлучувачка во изборот на хирургот и болницата во која ќе се изведе интервенцијата.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial