Подгрбавеност – проблем кај децата во развој

Анатомски, `рбетниот столб има три кривини од кои една е кифоза во градниот дел. Нормалниот распон на кривината е 20-45 степени. Оној момент кога распонот ќе помине 45 степени, тогаш кифозата преминува во деформитет. Лицата кои имаат кифоза велиме дека се подгрбавени. Кифозата може да се јави во било која возраст, но најчеста е кај деца во развој и жени кои имаат остеопороза. Симптомите на кифоза вклучуваат: грбавост, умерена грбна болка, грбна вкочанетост, нееднакви рамена, главата се навалува нанапред, разлика во висината на лопатките и др.

Ризик од појава на кифоза
Кифозата се формира во текот на животот како последица на претерана позиција на опуштеност, став за одмарање, неправилна положба на седење, како и слаба грбна и стомачна мускулатура. Кај децата постојат 3 критични периоди за развој на овој деформитет.

ПРВ период – кога детето се исправува во лежечка, седечка и стоечка положба (3-4 месеци, 6-9 месеци, 12-18 месеци)

ВТОР период – поаѓање во училиште и повеќечасовно искривено држење во седечка положба.

ТРЕТ период – за време на пубертет заради нагло растење и брз развој на коските на штета на мускулите кои остануваат пократки-адолесцентна кифоза.

Жените со остеопороза исто така се во ризичната група за развој на кифоза. Предните делови на пршлените колабираат под притисок, `рбетот добива кружен облик, ребрата се спуштаат надолу. Подвижноста на `рбетот е намалена, а висината на телото како последица на сите овие промени се намалува и до 15 сантиметри и настанува диспорпоција во однос на екстремитетите.

Како се лекува?
Третманот на кифозата може да биде нехируршки и хируршки. Во нехируршки третман најчесто се физикална терапија, кинезитерапија и носење на специјални корсети.

Кинезитерапија – се прават специјални вежби за зајакнување на грбната мускулатура. Кај потешки случаи се работат и вежби за подобрување на функцијата на кардиопулмоналниот систем, вежби за дишење, како и вежби за истегнување и зајакнување на ослабената мускулатура.

Физикална терапија – доколку како последица на кифозата се јават болки тогаш се препорачува и физикална терапија. Најчесто е комбинација на електротерапија со фототерапија, термотерапија…

Ортопедски корсети – се користат како превенција, се стопира понатамошното искривување како и за исправување на постоечка кифоза. Се носат одреден временски период по 24 часа дневно. Корсетот е едноставно помагало со голема ефикасност кое дава поддршка и растоварување на ‘рбетот во торакалниот дел и овозможува правилна положба на телото.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial