Ослободете се од болката во вратот

Вкочанетост и болки во вратот се чести тегоби кои се јавуваат на секоја возраст. Спиење во погрешна положба или на несоодветна перница, продолжено држење на главата во „неприродна“ положба, лошо држење на телото или телесен став, многукратно повторувани движења, трауми или преоптоварувања од спорт или работа се само дел од иницијаторите на болка во вратот.

Според Доц. д-р Тоше Крстев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, ризик фактори кои доведуваат до промени во вратот се:

  • Подигање на тежок товар и асиметрично натоварување
  • Продолжено задржување во една положба во долги периоди (работа пред компјутер, телефон или возење)
  • Повторување на едни исти движења (поврзани со работата и секојдневието)
  • Изложување на телото на потреси и вибрации
  • Користење на несоодветна перница и/или душек
  • Психосоматски заболувања или дисфункции
  • Чести главоболки
  • Нарушувања во функцијата на рамениот појас и/или вилицата

Цервикална тракција за нормална функција на вратот

Цервикалната тракција е метод за истегнување и местење на вратниот `рбет. Како метод често се користи во кабинетите по физиотерапија и е општо познат и прифатен насекаде во светот. Според д-р Крстев ова се постигнува на неколку начини:

  • Преку поддршка и имобилизација на главата
  • Преку подобрување на држењето на главата
  • Со зголемување на трофиката на ‘рскавицата
  • Намалување на притисокот на дискот и нервите
  • Со истегнување на вратните мускули се зголемува циркулацијата

„За оваа метода е потребна опрема преку која се фиксира останатиот дел од телото или се користи тежината на телото за фиксација, а од друга страна главата се опфаќа со подвижна манжетна и се истегнува по надолжната оска на `рбетот. Со ова доаѓа до издолжување на вратните мускули и нивна релаксација, раздалечување на пршлените и зголемување на меѓупршленскиот простор. Со тоа се овозможува декомпресија на дисковите и тракција на фасетните зглобови и подобрување на трофиката на зглобната рскавица.“ објаснува д-р Тоше Крстев.

Релаксатор за врат за цервикална екстензија во домашни услови

Релаксаторот за врат претставува уред за вратна тракција кој може да го користи секој.

„Ова се прави во лежечка положба. Каишите на релаксаторот се поставуваат на квака од врата, столб, ограда или на било која друга фиксна точка над главата на пациентот. За фиксација се користи самата тежина на телото, а за мобилизација релаксаторот се поставува околу главата со средното перниче под базата на черепот. Еластичното јаже осигурува постојано истегнување на вратот, а степенот на тракцијата може лесно да се регулира и од страна на самиот пациент со мало поместување на телото надолу или нагоре.“ објаснува д-р Крстев и додава дека во соодветната положба не треба да се чувствува болка туку напротив, опуштање и олеснување.

Ваквата положба доволно е да се задржи десетина минути, време во кое пациентот само се опушта и дише. Самостојната употреба на релаксаторот за врат е многу лесна и едноставна, а удобноста ги надминува и повеќето професионални уреди.

Три фактори за превенција

Употреба на соодветна перница. Перницата е потребно да биде со соодветни димензии кои одговараат на тој што ја користи, како и да соодветствува со положбата и навиките на спиење на корисникот.

Ергономија. Потребна е адаптација или корекција на положбите како и на уредите кои ги користиме во секојдневниот живот. Неколку примери за тоа се: висината и положбата на работната столица, седиштето во автомобилот, висината и положбата на мониторот на компјутерот кој треба да биде на висина на очите, положбата во која го користиме мобилниот телефон (во услови на постојано користење на телефон се препорачува употреба на слушалки), при одмарање или гледање телевизија да се одржува цервикалната лордоза итн. Потребно е да се избегнува останување во една иста положба во подолг период – таа треба да се нарушува/менува на секои 45 – 60 минути, често да се прават вежби и истегнувања кои ќе компензираат на одреден начин и за стереотипните движења.

Добра хидратација. Доволната количина на вода осигурува правилна функција на сите структури и ткива во вратот, со што се минимизираат ризиците за нивна промена и дегенерација.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial