Моето двомесечно бебе ми го спаси животот и ми помогна да се изборам со ракот

1

Мојата борба започна во најубавиот период во животот. Станав мајка по втор пат. На 31-годишна возраст имав сѐ што посакав – прекрасен сопруг и две живи и здрави момчиња, имав семејство. Но во моментите на најголема среќа, сфатив дека животот е непредвидлива патека и никогаш не знаеш што ќе ти донесе.

Светот ми се урна кога го слушнав зборот „рак“

Моето бебе напредуваше одлично, но упорно одбиваше да цица од едната града. Поминаа два месеци и се појавија првите проблеми, цврста града и грутка, состојба која ја припишав на лактацијата. Бев кај лекар, ми направија ехо и мамографија. Кога ми препорачаа да направам итно биопсија, тогаш прв пат почувствував дека нешто не е во ред. За еден ден стигна и телефонскиот повик од лекарот. Се сеќавам дека кога го слушнав зборот „рак“, го изгубив тлото под нозете. Стравот толку ме парализираше што немоќно гледав во очињата на моите две деца. Плачев секој ден и прашував „Зошто баш јас?!“. Плачев, но не можев да најдам ни објаснување ни одговор. По неколку дена успеав да си дојдам при себе и заминав во болница. Операцијата беше еден ден пред мојот 32. роденден – симболика која за мене преставуваше еден нов почеток и нов живот . Почеток за нова Николина, која е храбра силна и која ќе живее за своите две дечиња.

2

Тонев кога прв пат ја видов лузната, која и денеска е сведок дел дел од мене е откинат

Но верувајте – колку и да сте силни и храбри, борбата со ракот ве враќа на почеток, го урива секое чувство на храброст, буквално ве фрла на земја. Тонев кога прв пат ја видов лузната, која и денеска е сведок дека дел од мене е откинат. Тонев кога одев на хемотерапија, кога ја изгубив косата, кога поминував низ мачнини…

Ќе паднев, ќе ми се стегнеше душата, но во тој момент ќе погледнев во малите очиња на кои им требав, кои не ја знаеја и чувствуваа мојата болка и на кои им бев повеќе од потребна. Се борев за нивната насмевка, за да ги гледам среќни, за да бидам дел од секој миг и да им го покажам вистинскиот пат во животот. Престанав да се самосожалувам и храбро одев на 8 хемотерапии, 25 зрачења и 17 терапии со херцептин.

3

Кога минувате низ ваков тежок период од животот, поддршката од најблиските знае да биде пресудна во натамошниот тек на третирање на болеста. Безрезервната поддршка од целото мое семејство ми влеа огромна доза оптимизам дека човек може да се бори против сѐ, вклучувајќи го и ракот како сериозна дијагноза.

Ги покрив сите траги на моето тело и тргнав во нова борба

Сфатив дека ниедна загуба не е поголема од мојот живот. Ниту косата, ниту мојата града. Денеска постојат перики, протези, градници кои во потполност може да го прикријат она што ракот ви го одзема. По првата хемотерапија веднаш отидов во Жена центар, ги покрив сите траги на моето тело и тргнав во нова борба.

4

Патував, се дружев со пријателите и комплетно го игнорирав ракот. Ги игнорирав погледите на луѓето кои забележуваа дека нешто се случува. Ги игнорирав нивните погледи на сожалување, зошто знаев дека нема да дозволам ракот да ме победи. Знаев дека сум многу посилна и помоќна од него.

Ракот ме научи како да живеам

Денес, речиси три години по дијагнозата, ракот ме научи да живеам. Ме научи дека треба да се посветам на животот, а не на секојдневната трка која ја живеев пред болеста. Ги сакам моите две дечиња и за нив ќе живеам. Мојот помал син кој денеска има три години ми го спаси животот. Тој е едно палаво но и борбено дете кое ме научи и мене како да се борам. Секоја нивна насмевка, поглед и прегратка ме прави уште посилна. Затоа ова мое искуство сакам да биде инспирација за секоја жена. Наместо да се плашите од ракот, соочете се со него! Верувајте, човек не знае колку е храбар додека храброста не стане единствен избор. Одете на лекар, правете редовни прегледи. А за загубата никогаш не се грижете.

Јас денес нормално функционирам. Облекувам што ќе посакам, патувам, изглегувам на плажа. Специјалната колекција за жени по мастектомија ќе ви ја врати женственоста и за вас ќе нема никакви препреки.

5

Одредени прехранбени производи ми се исклучени од дневното мени, повеќе сум ориентирана кон свежи зеленчукови и овошни производи. Исто така внимавам и на потеклото на продуктите, од која средина пристигнуваат. Чистиот воздух и здравата животна околина треба да бидат приоритет за кој сите заедно како општество треба да се залагаме.

На крај само да ви препорачам:

Уживајте во секој миг, бидејќи не знаеме што ќе ни донесе следното утро.

Со љубов,

Николина Бебеџаковска

 

 

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial