Херои за кои не постојат препреки

Пред 10 години, при повреда на `рбетот, Александар останал во инвалидска количка. Момент кој засекогаш му го променил животот и по кој морал да се соочи со новата состојба. За него како млад човек било многу тешко да прифати дека понатамошното движење и функционирање ќе му биде поврзано со инвалидска количка.

„Две години бев во депресија и не сакав да ја прифатам новата реалност. Не сакав да прифатам дека јас животот ќе го поминам во количка. Седев дома и жалев за тоа што ми се случило. Многу е тешко како 20 годишно здраво момче, одеднаш да се соочите со фактот дека вашиот повеќе нема да биде ист“ раскажува Александар, кој после две години решил да продолжи со животот. Во оваа пресвртница тој успеал да го заврши факултетот и денеска успешно да биде дел од семејниот бизнис. Како и секој млад човек ужива во секој миг од животот. И покрај сѐ што му приредил животот тој се бори и храбро се носи со сите препреки кои му стојат на патот.

„Спортувам стрелаштво и мојот сон е да бидам учесник на параолимписките игри во Токио. Тоа е мојата цел. Пливам и се трудам да бидам во добра кондиција. Како и секој млад човек излегувам и се дружам, но секогаш се тука архитектонските бариери кои нѐ прават да имаме поразличен живот од другите“ објаснува Александар, кој додава дека кај лицата со параплегија има голем интелектуален капацитет кој треба да се искористи и да има повеќе вработувања и можности за пристоен живот за нив.

На неговата приказна се надополни и неговиот пријател Гоце од Здружението Мобилност, кој исто така 11 години има параплегија. Кај него повредата е помала па со упорност и трпение успеал да стане од количка и да се движи со помош на патерици.

„Две и пол години траеше мојата борба да застанам на нозе и успеав во тоа. Беше тешко и напорно, но кога се сака сѐ може да се постигне, пред сѐ за моето семејство. Ја прифатив болеста и продолжив да живеам. Денеска спортувам атлетика и имам освоено многу награди на првенства“ раскажува Гоце, кој како и Александар е активен спортист и има учествувано на многу натпревари.

Да се има параплегија е тешко, но човек може да се навикне и да го продолжи животот. Сепак на нивниот пат и понатаму стојат препреки кои треба да ги совладуваат и да ја подигнат свеста за едно поинакво општество каде сите ќе водат грижа.

„Сѐ уште водиме битка да се создадат услови и за нас, да се тргнат архитектонските бариери и да бидеме и ние вклучени во изградбата на секој објект. Да има повеќе тоалети кои ќе бидат прилагодени на лицата со инвалидитет. На крај, да имаме повеќе услови за да се движиме слободно“ дополнува Гоце.

Гоце и Александар се дел од стотиците граѓани во Македонија кои живеат со параплегија. Тие се хероите, кои иако секојдневно се соочуваат со тешкотии и препреки, гордо ја држат главата горе и избираат да живеат достоинствено и храбро да се борат со секој ден. Тие се инспирација и потврда дека животот е непредвидлив, но и покрај сѐ можеш да успееш и да се избориш за подобро утре.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial