5 најчести прашања и одговори за вратна спондилоза

Долгото седење, часови поминати пред компјутер, неправилно држење на вратот, недоволна физичка активност се само дел од причините што доведуваат до развој на спондилоза. Цервикалната (вратна) спондилоза е чест проблем, особено кај постарите лица. Неофицијално се смета дека околу 25% од луѓето на 40-годишна возраст, 50% од луѓето на возраст од 40 до 60 години и 85% од луѓето над 60 години, имаат дегенеративни промени на интервертебралниот диск и се јавуваат симптоми на вратна спондилоза. Во продолжение ви даваме одговор на 5-те најчести прашања за вратната спондилоза.

1. Што е вратна спондилоза?
Вратната спондилоза е последица на промени на коските, дисковите и зглобовите во вратот. Овие промени се предизвикани од нормално трошење на вратните пршлени, како дел од процесот на стареење. Како резултат на овие дегенеративни процеси на дискот и `рскавицата, се јавуваат абнормални израстоци наречени остеофити ка коските. Овие абнормални израстоци може да предизвикаат стеснување на внатрешноста на `рбетниот столб или отвори од каде што излегуваат нервите на `рбетниот мозок, состојба позната како спинална стеноза. Последиците се болки и вкочанетост во вратот.

2. Кои се ризик фактори за спондилоза?
Стареењето е главна причина за развој на цервикална спондилоза. Кај лицата постари од 50 години, дисковите помеѓу пршлените ја губат еластичноста додека коските и лигаментите стануваат подебели, со што го стеснуваат просторот на `рбетниот канал. Други фактори на ризик се:

  • Претходна повреда на вратот (одредени спортови како гимнастика, може да доведат до поголем стрес на вратот)
  • Неправилно држење на телото, исто така може да влијае во промени на `рбетниот столб, што доведува до спондилоза.

3. Кои се симптомите?

  • Вкочанетост на вратот и болка
  • Болка во рамото или рацете
  • Ограничување во движењето на вратот

Симптомите на спондилоза имаат тенденција да се подобруваат со одмор. Најизразени се наутро и на крај од денот. Доколку спондилозата прави притисок врз `рбетниот мозок, оваа состојба се нарекува цервикална миелопатија. Симптомите се следни:

  • Трнење, вкочанетост или слабост во рацете или нозете
  • Нерамнотежа и тешкотии при движење
  • Абнормални рефлекси
  • Грчеви во мускулите

Друга компликација на спондилоза е цервикална радикулопатија, кога коските притискаат на нервите кои излегуваат од `рбетниот мозок и минуваат меѓу пршлените. Болката што се шири во едната или двете раце е најчестиот симптом.

4. Како се дијагностицира спондилоза?
Првичната дијагноза се поставува со физикален преглед и според симптомите. Потоа е потребно да се направат дијагностички тестови како рендген, комјутерска томографија или магнетна резонанаца.

5. Како се лекува?
Во најголем дел од случаите спондилозата се третира конзервативно. Тука вклучува:

  • Одмор
  • Лекови за ублажување на болката од воспалението
  • Носење на шанцова кравата за да се ограничи движењето на вратот и да се обезбеди поддршка
  • Физикална терапија
  • Цервикална екстензија со помош на релаксатор за врат

Важен момент во третманот на вратната спондилоза е и одбирање на соодветна перница за спиење.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial